Дејвид Гета во Скопје го донесе своето спектакуларно „The Monolith Stadium Show“ и арената „Тодор Проески“ ја претвори во огромен клуб под отворено небо. Пред околу 50.000 луѓе, францускиот диџеј, продуцент и глобален музички феномен одржа двочасовен спектакл во организација на Авалон Продукција со кој заврши прославата за 35 години независност на Македонија.
Конзолата поставена во центарот на огромната сцена е своевиден олтар на целиот спектакл. Гета во најголемиот дел од времето со кренати раце кон публиката, ја водеше како еден огромен организам, додека слушалките ги користи главно во покомплицираните премини низ неговиот сет. Сè останато е подредено на директната комуникација со публиката и креирањето на неверојатното музичко патување
Скопската станица на “Monolith Tour” дојде по големи настапи на светски стадиони, два дена по големиот спектакл во Милано на култниот стадион Сан Сиро, а само неколку месеци претходно Гета имаше три вечери на „Стад де Франс“ во Париз. Токму затоа, фактот што ваква продукција пристигна во Скопје за 35-годишнината од независноста беше нешто многу поголемо од обичен концерт. Македонија за една вечер доби досега кај нас невидено шоу со продукциски размери какви што вообичаено се гледаат на најголемите светски сцени.
Шоуто ја следи основата на претходните настапи од турнејата – големите комерцијални хитови на Гета, во голем дел во ремиксирани и современи верзии, наредени еден по друг. Од најголемите денс-хитови до песните што веќе одамна се дел од поп-културата, сетот е направен така што речиси и да нема момент во кој публиката престанува да игра и пее.
Тоа е и една од најголемите движечки сили на ова шоу. Гета не настапува само за љубителите на електронската музика. Неговата публика е составена од повеќе генерации, од најмладите до оние кои ја следат неговата кариера со години. Во Скопје тоа беше особено видливо – луѓе од различни генерации и од различни делови на Македонија беа обединети во ист ритам.
Пред главното шоу, атмосферата одлично ја подготвија домашните изведувачи SEMPRE и Никифор. Особено добар потег беа нивните ремикси на познати македонски хитови, со што и пред настапот на Гета прославата доби јасно домашен карактер. Не беше само голем светски концерт во Скопје, туку и наша прослава.
Гета на сцената се појави некаде околу 22:30 часот, а реакцијата на публиката веднаш покажа колку долго се очекуваше овој момент. Хитовите се редеа еден по друг, а публиката ги пееше рефрените и реагираше на секој нов премин во сетот истовремено восхитувајќи се на неверојатното визуелно шоу кое го следеше ритамот
А најмногу од сите, изгледаше дека уживаше самиот Гета. Насмеан, постојано во движење и во директна комуникација со публиката, тој уште еднаш покажа зошто неговите настапи функционираат пред десетици илјади луѓе.
Но ако нешто го издвојува скопскиот Monolith од обичен голем DJ настап, тоа уште еднаш мора да се нагласи е продукцијата. Пиротехниката, огнот и ласерите се само дел од целината. Највпечатливи се огромниот заоблен екран и црниот монолит поставен како централен визуелен елемент на сцената. Видео-проекциите постојано го менуваат просторот околу Гета, а светлото, пиротехниката и музиката се синхронизирани во една целина.
Комплетното аудиовизуелно искуство – огромната сценска продукција, моќните светлосни ефекти, пиротехниката и визуелните елементи – направија публиката да не биде само набљудувач, туку дел од самиот перформанс.
Токму тука „The Monolith“ го оправдува своето име. Огромната сценографија не е само декорација зад диџејот, туку составен дел од шоуто. Стадионот во Скопје за два часа навистина изгледаше како огромен клуб под отворено небо.
Синоќешната Скопската вечер не беше само уште една станица на Monolith Tour.Таа беше спој на голем светски стадионски спектакл, најголемите хитови на еден од најпознатите електронски артисти и домашна публика која дојде да прослави 35 години независност.
„The Monolith Stadium Show“ во Скопје покажа дека ваква продукција може целосно да функционира и пред македонската публика – со енергија која не паѓаше ниту во еден момент, хитови што ги знаат повеќе генерации и визуелен спектакл достоен за најголемите светски сцени.
На крајот, останува сликата на арената исполнета со десетици илјади луѓе, илјадници кренати телефони, ласери, пиротехника и огромните визуелни проекции на Monolith.
Дејвид Гета во Скопје не одржа само концерт. Донесе целосно стадионско шоу – и една од оние вечери по кои долго останува чувството дека навистина си присуствувал на нешто навистина големо. Најголем доказ за тоа се среќните и насмеани лица кај сите по завршетокот на овој неверојатеен концертен настан