“MTV Unplugged in New York” е првиот албум во живо на култниот американски бенд Nirvana објавен на денешен ден, 1 ноември во 1994 година преку издавачката куќа DGC Records, речиси седум месеци по смртта на фронтменот Kurt Cobain.
Изданието произлезе од настапот на бендот за телевизискиот серијал *MTV Unplugged, снимен на 18 ноември 1993 година во Sony Music Studios, во њујоршката населба Hell’s Kitchen на Менхетен. Иако концептот се темелеше главно на акустични изведби, Nirvana во својот препознатлив стил вклучи и електрично засилување и гитарски ефекти.
Настапот стана еден од највпечатливите во историјата на серијалот MTV Unplugged. Наместо очекуваната експлозија на гранџ-енергија, Kurt Cobain, Krist Novoselic, Dave Grohl и Pat Smear понудија интимна, необична изведба, исполнета со внимателно одбрани композиции, специфична сценографија и атмосфера што подоцна доби речиси пророчко значење.
Снимката настана само пет месеци пред смртта на Cobain, а по неговото трагично заминување во април 1994 година, настапот доби дополнителна емотивна тежина. За многу обожаватели, неговото гледање стана искуство исполнето со тага и носталгија, како последен музички разговор со еден од најзначајните рок-музичари на својата генерација.
Кога Nirvana ја прифатија поканата за MTV Unplugged нивната идеја била да создадат нешто поразлично од вообичаениот телевизиски настап. Cobain не сакал само да ги отсвират познатите песни во акустична верзија. Сакал да ја променат нивната структура, да експериментираат со аранжманите и да покажат друга, помирна страна на бендот.
Продуцентот Alex Coletti, кој претходно работел со Nirvana при нивниот настап во Њујорк во 1992 година, се сеќава дека Cobain бил внимателен и чувствителен соработник, кој сакал да има креативно влијание врз изгледот и концептот на шоуто.
Во подготовките учествувале и менаџерите на турнејата Alex MacLeod и Jeff Mason. Според MacLeod, Cobain не сакал сцената да изгледа како обичен телевизиски простор. Посакувал поинаква, помрачна и порелаксирана атмосфера, со што настапот би се издвоил од претходните изданија на серијалот.
Особено инсистирал на цвеќиња – бели ѕвездести лилјани, свеќи и тешки драперии. Кога Coletti го прашал дали замислува сценографија налик на погреб, Cobain едноставно одговорил потврдно. Деталот подоцна ќе добие вознемирувачка симболика.
Една од најголемите разлики меѓу замислата на Nirvana и очекувањата на MTV била изборот на песни. Бендот сакал речиси половина од сет-листата да ја сочинуваат обработки на помалку познати композиции, а освен „Come As You Are“, немал намера да изведе ниту еден од своите големи хитови.
„Знаевме дека не сакаме да направиме акустична верзија на ‘Smells Like Teen Spirit’. Тоа ќе беше навистина глупаво“, објаснил Dave Grohl.
Cobain сакал да им даде простор и на музичарите што го инспирирале. Меѓу неговите омилени биле шкотскиот бенд The Vaselines, чии песни Nirvana претходно веќе ги обработувале, како и Meat Puppets,американски алтернативен рок бенд
На концертот ги изведоа „Plateau“, „Oh Me“ и „Lake of Fire“ од репертоарот на Meat Puppets. За оваа пригода на сцената им се придружија и браќата Curt и Cris Kirkwood, додека составот беше збогатен со челистката Lori Goldston и Pat Smear, поранешен гитарист на Germs.
MTV првично не била воодушевена од идејата да гостуваат Meat Puppets. Од продукцијата очекувале познати имиња но Cobain останал доследен на сопствената замисла.
Во сет-листата се најде и „Jesus Doesn’t Want Me for a Sunbeam“ од The Vaselines. Krist Novoselic во оваа изведба го замени басот со хармоника инструмент што го научил да го свири уште како дете.

Пред снимањето биле одржани две целодневни проби. И покрај подготовките, членовите на Nirvana биле нервозни. MacLeod забележал дека бендот долго време немал толку голема трема пред настап, особено затоа што акустичниот формат ги оставаше музичарите многу поизложени.
Снимањето се одржало во Sony Music Studios во Њујорк, на 18 ноември 1993 година. Cobain пристигнал без Courtney Love а на сцената го чекале останатите членови на бендот и челистката Lori Goldston.
За настапот ја избрал својата Martin D-18E, гитара купена во Лос Анџелес во есента 1993 година. Овој редок модел бил произведуван само во периодот од 1958 до 1959 година, а биле изработени вкупно 302 примероци.
Инструментот имал два пикапа, три контролни копчиња и прекинувач за избор на звук. Бидејќи оригиналните DeArmond пикапи не давале задоволителен резултат со бронзените жици што ги користел Cobain, неговиот техничар Earnie Bailey додал уште еден пикап – Bartolini 3AV.
Cobain инсистирал гитарата да биде поврзана со неговиот засилувач Fender Twin Reverb и во текот на настапот да ги користи ефектите на кои бил навикнат. За да се задоволат неговите барања, продукцијата дури направила и лажна кутија пред засилувачот, која изгледала како монитор.
Во 2020 година, токму оваа Martin D-18E, користена на легендарниот MTV Unplugged настап, беше продадена на аукција за шест милиони долари.
Снимката од генералната проба открива поинаква страна на Cobain. Изгледал уморно, со видливи траги од долгите месеци на турнеи, но истовремено бил внимателен кон деталите и опремата.
Неколку песни предизвикале проблеми. При изведбата на „About a Girl“ се пожалил на повратниот звук од гитарата, а кај „The Man Who Sold the World“ постојано ги мешал промените на акордите. Проблеми имало и со „Pennyroyal Tea“, особено со вокалната хармонија на Pat Smear.
Сепак, пробата не била лишена од хумор. Dave Grohl побарал некој да му ја запали свеќата, додека Cobain се пошегувал на сметка на песокот во кој биле поставени свеќниците и вазните.
Снимката покажува и колку голема контрола имал Cobain врз бендот. Им укажувал на останатите кога треба да свират погласно, ги коригирал вокалните делници и внимателно го следел звукот на инструментите.
Публиката била внесена во студиото околу 20:30 часот, а снимањето започнало во 21 часот. Иако пробата била исполнета со технички проблеми и нервоза, кога започнало вистинското снимање, работите се одвивале речиси беспрекорно.
Пред „The Man Who Sold the World“, Cobain нервозно најавил дека сигурно ќе ја згреши песната, но изведбата поминала без проблеми. И „Pennyroyal Tea“ конечно била изведена успешно.
Во текот на вечерта, атмосферата станувала сè порелаксирана. Настапот, според Coletti, бил извонредно организиран: за разлика од вообичаената практика на *MTV Unplugged*, кога песните често се повторувале, Nirvana го извеле целиот сет во еден непрекинат обид, во времетраење од околу еден час.
За финалето Cobain ја избрал „Where Did You Sleep Last Night“, традиционална американска народна песна поврзана со неговиот музички херој Leadbelly. Изведбата беше сурова, болна и исполнета со интензитет, а последните вокални моменти останаа меѓу најмоќните во историјата на серијалот.

По завршувањето на песната, Cobain ја напуштил сцената и не се вратил.
Coletti се обидел да го убеди да отсвират уште една композиција. Dave Grohl, Krist Novoselic и Pat Smear биле подготвени за бис, но Cobain одбил.
„Не можам да ја надминам последната песна“, му рекол.
Продуцентот сфатил дека е во право и се откажал од убедувањето.
Објавен на 1 ноември 1994 година, *MTV Unplugged in New York* претставуваше прво постхумно издание на Nirvana по смртта на Kurt Cobain. Албумот им овозможи на слушателите повторно да го доживеат настапот, но и да ја откријат поинаквата музичка димензија на групата – без вообичаената гласна гитарска експлозија, но со силен емотивен интензитет.
Изданието брзо доби признание од музичката критика. Во Rolling Stone Album Guide од 2004 година, новинарот Charles M. Young го опиша како второто ремек-дело на Nirvana, веднаш по култниот Nevermind.
Неговото значење се потврдува и преку бројните избори на најдобрите албуми во живо. NME го постави на првото место на својата листа на 50 најдобри албуми во живо, додека Kerrang! го вброи меѓу 11-те најдобри изданија од овој тип. Guitar World го рангираше на четвртото место меѓу десетте албуми во живо што задолжително треба да се слушнат, а во 2014 година го вклучи и во изборот на 50 култни албуми што ја одбележаа 1994 година.
Меѓу другите признанија се издвојуваат 95-тото место на листата на Rolling Ston* за најдобрите албуми од деведесеттите, како и 13-тото место на изборот на најдобрите албуми во живо на The Telegraph во 2020 година. Изданието е вклучено и во книгата 1001 Albums You Must Hear Before You Die
Една од најзначајните песни на албумот е преработката на „The Man Who Sold the World“, оригинално снимена од David Bowie. Nirvana ѝ дадоа сосема поинаков карактер, претворајќи ја во една од најпрепознатливите изведби од нивниот акустичен настап.
Со текот на годините, токму оваа верзија стана еден од најслушаните записи од *MTV Unplugged in New York*. Нејзината популарност на дигиталните платформи сведочи за трајното влијание на настапот и за интересот на новите генерации слушатели за музиката на Nirvana.
И покрај тоа што поминаа повеќе од три децении од снимањето, *MTV Unplugged in New York* останува едно од најзначајните концертни изданија во историјата на рок-музиката. Неговата сила не произлегува само од изборот на песните или од нивните акустични аранжмани, туку и од искреноста и ранливоста што Cobain ги покажа пред камерите.
Тоа е снимка на Nirvana во поинакво светл, без вообичаената сценска бучава, но со музика што и денес звучи подеднакво моќно. Настапот останува трајно сведоштво за талентот на Kurt Cobain и за бендот што ја промени современата музичка сцена
