Home » Guns N’ Roses – „Appetite for Destruction“ (1987) Албумот што го врати опасниот дух на рокенролот

Guns N’ Roses – „Appetite for Destruction“ (1987) Албумот што го врати опасниот дух на рокенролот

by Vangel Milevski

Кога Guns N’ Roses го објавија својот деби албум „Appetite for Destruction“ на 21 јули 1987 година, никој не можеше да претпостави дека петмина млади музичари од хаотичниот Лос Анџелес ќе создадат едно од највлијателните рок изданија во историјата. Албумот не беше само збирка песни – беше суров портрет на улицата, зависностите, сиромаштијата, амбицијата и темната страна на американскиот сон.

Во време кога хеви металот и глам рокот доминираа со раскош, фризури и сценска гламурозност, Guns N’ Roses донесоа нешто поинакво: нечист звук и агресија. Гласот на Axl Rose беше непогрешлив – висок, рапав и полн со бес, додека гитарата на Slash комбинираше хард рок сила со блуз виртуозност.

Бендот бил формиран во 1985 година, кога членовите на Hollywood Rose и L.A. Guns се споиле во една група. Класичната постава – Axl Rose, Slash, Duff McKagan, Izzy Stradlin и Steven Adler – брзо стекнала репутација како една од најопасните групи на сцената во Лос Анџелес.

„Appetite for Destruction“ првично немал спектакуларен почеток. Радиостаниците и MTV биле резервирани кон бендот поради нивниот имиџ и контроверзните текстови. Но, кога спотот за „Welcome to the Jungle“ почнал да се емитува, публиката веднаш препознала нешто ново и автентично. Подоцна, „Sweet Child O’ Mine“ станала огромен хит и го претворила албумот во глобален феномен

„Welcome To The Jungle“ стана манифест на новиот рок звук, „Paradise City“ стадионска химна, а „Sweet Child O’ Mine“ покажа дека бендот способен за суров хард рок може да создаде и една од најголемите рок балади во историјата.

Но, силата на албумот не е само во хитовите. Песни како „Mr. Brownstone“, „It’s So Easy“, „Nightrain“, „My Michelle“ и „Rocket Queen“ создаваат целосна слика за животот на младите рок музичари во Лос Анџелес – со сите негови страсти, грешки и опасности.

Музичкиот портал Pitchfork во својата анализа го опишува „Appetite for Destruction“ како албум што ја прикажува суровата страна на Лос Анџелес и се издвојува со својата жестина во однос на тогашната рок сцена.

Она што го прави посебен е фактот дека не звучи како внимателно конструиран комерцијален производ. Тој звучи како бенд кој навистина живее на работ. Има нечистотија, нервоза и опасност – токму она што му недостасуваше на дел од тогашниот рок.

Албумот не е технички совршен во секој момент, но неговата енергија е речиси невозможна за повторување. Slash, Izzy и Duff создаваат ритам кој е истовремено суров и елегантен, додека Axl внесува драматичност како фронтмен од старата школа.

„Appetite for Destruction“ стана еден од најуспешните рок албуми во историјата и продаде десетици милиони примероци ширум светот. Но неговото значење не се мери само со бројките. Тој го промени начинот на кој изгледаше и звучеше хард рокот во доцните осумдесетти.

Appetite for Destruction“ не е само најдобриот албум на Guns N’ Roses. Тој е еден од последните вистински големи рокенрол документи – суров, бесен, мелодичен и безвременски.

Во средината на осумдесеттите рок сцената беше преплавена со таканаречениот „hair metal“ – бендови со раскошен изглед, огромни фризури, шарени костими и песни создадени за забави. Guns N’ Roses дојдоа како целосна спротивност.

„Appetite For Destruction“ не звучеше како производ од холивудските студија, туку како документ од улиците на Лос Анџелес. Тоа беше свет на евтини станови, зависности, насилство, разочарувања и борба за опстанок. Наместо фантазија за рокенрол животот, Axl Rose и екипата ја прикажаа неговата валкана и непријатна страна.

Албумот беше необичен затоа што не ги романтизираше темите за кои пееше. Песните за дрогата, како „Mr. Brownstone“ и „Nightrain“, не зборуваа за еуфоријата, туку за губењето контрола и темната страна на зависноста. Дури и песните за секс и пороци имаа чувство на опасност, а не само прославување на хедонизмот.

Она што го направи „Appetite For Destruction“ посебен беше комбинацијата на различни влијанија. Во звукот на Guns N’ Roses се слушаа елементи од Rolling Stones, Aerosmith, AC/DC, панк сцената и класичниот хард рок.

Slash внесе блуз чувство во своето свирење, со препознатливи рифови и сола, додека Izzy Stradlin ја носеше ритмичката структура на бендот. Duff McKagan и Steven Adler создадоа цврста ритам секција, а Axl Rose со својот специфичен, висок и агресивен вокал стана еден од најпрепознатливите фронтмени на својата генерација.

Токму поради тоа албумот звучеше поопасно од тогашниот комерцијален метал. Не беше само уште една рок плоча – звучеше како закана.

„Appetite For Destruction“ не само што ги направи Guns N’ Roses светски ѕвезди, туку ја промени и насоката на рок музиката. Бендот покажа дека публиката повторно сака автентичност, суровост и чувство дека музичарите навистина го живеат она за што пеат.

Интересно е што албумот во првите месеци не изгледал како голем комерцијален успех. Но, со помошта на MTV и огромниот успех на „Sweet Child O’ Mine“, постепено се претвори во глобален феномен.

Guns N’ Roses со овој албум го фатија последниот голем бран на класичниот хард рок, но истовремено ја отворија вратата кон новата ера која подоцна ќе ја обележи алтернативната и гранџ сцената.

Appetite For Destruction“, е еден од најголемите рок албуми некогаш создадени а со продадени 30 милиони примероци, тој е и еден од најуспешните.
Бендот започна во Лос Анџелес во 1985 година, како комбинација од членови на Hollywood Rose (пејачот Axl Rose и ритам гитаристот Izzy Stradlin) и LA Guns (соло гитаристот Tracii Guns, басистот Ole Beich и тапанарот Rob Gardner). Ole набрзо беше заменет со родениот Сиетлчанец Duff McKagan, а во јуни 1985 година следуваа уште две промени пред GN’R конечно да ја стабилизира својата постава.

„Организиравме панк-рок турнеја наречена ‘Hell’ од Лос Анџелес до Сиетл“, се присетува Duff. „Тоа навистина требаше да биде турнеја каде што ќе спиевме по туѓи подови и ќе се возевме наоколу со мал комбе. Делумно тоа беше вежба за зближување на петтемина.

Но, Rob и Tracii се исплашија од напуштањето на нивната зона на удобност и си заминаа непосредно пред првиот настап.“

Не губејќи време, бендот ги донесе гитаристот Slash и тапанарот Steven Adler, а до август 1986 година најжешкиот бенд во Лос Анџелес веќе потпиша договор со Geffen Records.

„Имавме многу издавачки куќи кои нè бараа“, се присетува Duff. „Го избравме Geffen затоа што чувствувавме дека ќе ни дадат целосна уметничка контрола.“

Објавувајќи го EP-то „Live ?!*@ Like A Suicide“ (под сопствената издавачка куќа Uzi Suicide, иако таа всушност беше во сопственост на Geffen), само за да го претстават својот став и звук пред пошироката публика, бендот потоа се соочи со застрашувачката задача да најде продуцент.
„Нашиот прв избор беше Mutt Lange (AC/DC, Def Leppard)“, признава Duff. „Но, тој беше прескап. Освен тоа, ние сакавме звук во живо. Не сакавме многу студиски трикови. Поради тоа одбивме многу големи имиња – едноставно, тие луѓе не беа вистински за нас.“
Така отпаднаа имиња како Bill Price, соработник на Sex Pistols, и Spencer Proffer, продуцентот на W.A.S.P. Беше одбиен и Paul Stanley од Kiss.
„Знаевме дека тој не е вистинскиот човек за нас кога сакаше да додава сè повеќе и повеќе елементи на тапаните на Steven. Ние токму потрошивме многу време убедувајќи го Steven да го намали својот тапанарски сет, а сега Paul Stanley сакаше да направи токму спротивно!“

На крајот, изборот падна на речиси непознатиот Mike Clink, кој ги привлече со својот едноставен пристап.
Тој веднаш нè разбра. Mike дојде во нашето студио за проби, сними тоа што го правевме на стара осумканална машина со лента, ни го пушти и рече: ‘Вака треба да звучите’. Тоа беше токму она што го сакавме.“

До почетокот на 1987 година, бендот и Mike Clink беа во претпродукција за албумот, пред следниот месец да влезат во студио. Работеа брзо, поминувајќи само две недели на основните снимки во Rumbo Studios во Лос Анџелес, а потоа додадоа уште 10 дена дополнителна работа во One On One Studios, повторно во Лос Анџелес.
Севкупно, целиот албум беше снимен за нешто помалку од еден месец, со трошоци помали од 200.000 долари.

„Не целиот тој буџет беше искористен за снимањето на албумот“, се смее Duff. „И патем, добро се забавувавме.“

Неколку месеци претходно, тогашниот менаџер на бендот, Arnold Stiefel, кој исто така се грижеше за Rod Stewart, си замина откако откри дека неговите млади клиенти направиле штета од илјадници долари во изнајмена куќа, оставајќи ја нивната издавачка куќа во шок.

Тие веќе имаа репутација на бенд познат по распуштеното однесување и провокации, а тоа однесување не остана пред вратите на студиото.

„Кога ги снимавме основните делови, не сите од нас беа потребни во исто време. Така, Steven и јас работевме, а Slash толку многу ќе се опиеше што ќе дојдеше да свири со нас, но беше толку надвор од тон дека моравме да го исклучиме од слушалките.
Но, кога дојде време да ги сними своите делови, тој беше целосно трезен. А потоа јас ќе се напиев до крај.“

Сето тоа изгледа како невина забава во споредба со она што се случи за време на снимањето на последната песна на албумот, „Rocket Queen“.
Axl, сакајќи да ја направи песната поинтересна и поекстремна, почувствувал дека нешто што ѝ недостига е звук на оргазам или три во студиото.
Поради тоа ја поканил Adriana Smith, тогашната девојка на Steven Adler, во One On One Studios – и продолжил со малку „еден на еден“.
Adriana била лута на Steven бидејќи наводно ја изневерувал, па го гледала тоа како можност за одмазда.
Да, тоа е целосно точно“, открива Duff. „Секс-сесијата навистина се случи, а целосните снимки се некаде.
Значи, тоа што го слушате во песната е вистинска порно акција.

Неколку песни на албумот всушност биле инспирирани од жени со кои членовите на GN’R биле запознаени.

„Rocket Queen“ всушност е за Barbie Von Grief, вистинска кралица на андерграунд сцената.

„My Michelle“ била напишана за Michelle Young (чиј татко навистина бил дистрибутер на порнографија, додека нејзината мајка починала од предозирање со хероин).

А потоа тука е „Sweet Child O’ Mine“, песната која е за идната сопруга на Axl, Erin Everly, како и „Think About You“.

„Ова беше последната песна напишана за албумот“, вели Duff за „Sweet Child O’ Mine“.

„Ниту Slash ниту јас не сакавме да биде на плочата. Тоа беше балада, а ние сакавме да рокаме. Мислевме дека треба да ја зачуваме за следниот албум.

Но, откако ја снимивме, песната едноставно се вклопи во целата атмосфера на „Appetite…“

Сите пет членови на бендот биле задоволни од тоа што го снимиле, но никој не верувал дека албумот ќе постигне голем комерцијален успех.

„Од снимањето го добивме она што го сакавме. Сите бевме на иста бранова должина и верувавме дека овој албум нè претставува нас на најдобар можен начин.

Но, дали мислевме дека може да се продава? Не.

За мене, целта беше да го достигнеме она што Circle Jerks го направија на својот врв – околу 40.000 продадени примероци.

Самата идеја дека толку луѓе би можеле да го поседуваат овој албум беше доволно возбудлива.“

Албумот беше објавен на крајот на јули 1987 година. До септември истата година, продажбата беше доволно добра за да се пробие меѓу Топ 100 во САД, додека бендот беше на турнеја низ Америка како предгрупа на The Cult.

До Божиќ, со продадени 200.000 примероци во Америка, општото чувство било дека албумот го достигнал својот максимум.

„Бевме воодушевени од таа бројка. Во САД не направивме нешто неверојатно, но Британија навистина нè прифати (албумот стигна до петтото место), а истото го направи и Јапонија.“

Со оглед на андерграунд духот на бендот и албумот – со песни за разврат, пороци, пијанство („Nightrain“ беше посветена на истоименото евтино, но силно вино) и тешки дроги („Mr. Brownstone“ беше „разговорот“ на Slash и Izzy за хероинот) – зарем некој можеше да очекува толку контроверзен бенд да продаде уште милиони примероци?

Ова верување беше дополнително засилено со проблемите околу оригиналната насловна страница на албумот.
Стануваше збор за сликата наречена „Appetite For Destruction“, дело на култниот уметник Robert Williams, која ја открил Axl. На неа беше прикажан робот кој силува жена.

„Моравме да ја смениме насловната за некои големи трговски синџири, и се прашувавме дали тоа може да ги збуни луѓето и да влијае врз продажбата на плочата“, вели Duff.

Па, кој беше пресвртниот момент во САД – моментот кој го лансираше „Appetite For Destruction“ кон продажба од речиси 20 милиони примероци?
Имаше два такви моменти.

Прво, непосредно пред Божиќ 1987 година, скратената верзија на видеото за „Welcome To The Jungle“ (од која мораше да биде исфрлена сцената во која Steven ѝ го лиже рамото на една девојка) беше пуштена на MTV во раните утрински часови.

Иако телевизиската станица неволно го емитуваше спотот во ноќната програма како услуга кон Geffen, видеото одеднаш доби огромна поддршка.

Телефонската централа на телевизијата беше преплавена со барања за повторно емитување.

Ако ова му даде навремен поттик на „Appetite For Destruction“, тогаш објавувањето на „Sweet Child O’ Mine“ како сингл ја направи продажбата експлозивна.

„Бевме на турнеја како предгрупа на Aerosmith во Америка во текот на летото 1988 година, кога „Sweet Child O’ Mine“ почна да станува огромен хит“, се присетува Duff, сè уште малку збунет од начинот на кој неговиот живот одеднаш се превртел како карта во ураган.

„Стигна до број еден во Америка, а потоа, речиси точно една година по објавувањето (поточно, на 6 август), „Appetite For Destruction“ се искачи на врвот на американските топ-листи.
Целата работа беше луда.

Можеби бевме предгрупа на Aerosmith, но секоја вечер 17.000 фанови доаѓаа порано само за да нè видат нас и полудуваа.

Никогаш порано немавме слушнато нешто такво.“

Но, додека светот изгледаше како да се врти околу оската на GN’R, самите петмина членови во тој период останале релативно непроменети.

„Морате да разберете, ние сè уште заработувавме 125 долари неделно и живеевме во истата беда.

Не можевме да го сфатиме фактот дека оваа плоча се продава во милиони примероци.

Се сеќавам кога го добив првиот чек од авторски права – 80.000 долари – и немав поим што да правам со толку пари!“
Албумот подоцна ќе стане еден од најпродаваните албуми на сите времиња.
Иако е создаден во 1980-тите, ниту неговите теми од улицата, ниту суровата, но безвременска продукција не застареа.

За мене, 1987 година беше година на албуот „The Joshua Tree“ на U2, кој беше неверојатен.
Затоа можам да разберам како секоја плоча, дури и нашата, може да има толку огромно влијание врз нечиј живот.
Тоа што бев дел од овој феномен ме прави неверојатно горд.
Никогаш не го земам здраво за готово она што „Appetite…“ го направи за толку многу луѓе – особено за нас.“

Malcolm Dome имаше блескава и почитувана кариера која започна со работата во списанието Record Mirror во доцните 1970-ти и Metal Fury во раните 1980-ти, пред да стане дел од Kerrang! при неговото основање во 1981 година.
Неговата прва книга, Encyclopedia Metallica, објавена во 1981 година, можеби била инспирација за името на еден познат бенд формиран истата година.
Dome исто така се смета за човекот кој го измислил терминот „thrash metal“, додека пишувал за песната „Metal Thrashing Mad“ на Anthrax во 1984 година.
Со лансирањето на списанието Classic Rock во 1998 година, тој продолжил да работи со тој наслов, со сестринското списание Metal Hammer, а бил соработник и на Prog од неговото основање во 2009 година.
Malcolm Dome почина во 2021 година.

You may also like

Leave a Comment

-
00:00
00:00
Update Required Flash plugin
-
00:00
00:00