The Strokes на 24 јули 2026 година го објавија својот седми студиски албум Reality Awaits, нивното прво студиско издание по шестгодишна пауза. Албумот е објавен преку Cult Records и RCA Records, а претходно беше најавен со сингловите „Going Shopping“ и „Falling Out of Love“.
Reality Awaits е снимен во Костарика во соработка со легендарниот продуцент Rick Rubin, со кого бендот успешно работеше и на албумот The New Abnormal (2020). По почетните снимања во Централна Америка, членовите на бендот и Rubin продолжиле да работат на материјалот на различни локации низ светот, довршувајќи ги песните секогаш кога ќе почувствувале нов креативен импулс.
За време на снимањето во Костарика, The Strokes го поканиле режисерот Johann Rashid да го документира целиот процес. Резултатот е краткиот документарен филм In Transit: Part II, кој премиерно беше објавен на 23 јули, само еден ден пред излегувањето на албумот. Филмот нуди интимен поглед зад сцената на создавањето на Reality Awaits и претставува директно продолжение на култниот документарец In Transit од 2004 година.

Паралелно со албумот, бендот го објави и видеоспотот за „Going Shopping“, кој претставува духовита омаж на легендарниот спот на Paul Simon за „You Can Call Me Al“. Во главната улога се појавува американскиот актер Walton Goggins, кој ја презема позицијата што во оригиналното видео ја имаше Chevy Chase. Идејата за соработката се родила додека Goggins снимал филм на Канарските Острови, по што му предложил на бендот: „Let’s go shopping!“. Кон крајот на мај, Julian Casablancas и дел од неговите пријатели отпатувале на шпанскиот остров Тенерифе за да го реализираат снимањето.
Во мај годинава, The Strokes ја имаа и телевизиската премиера на „Falling Out of Love“, настапувајќи во емисијата The Late Show with Stephen Colbert. Настапот остана запаметен како едно од последните музички гостувања во историјата на ова популарно американско вечерно шоу.
Формирани во Њујорк, The Strokes уште од своето деби во 2001 година важат за една од највлијателните рок-групи на 21 век. Со албуми како Is This It, Room on Fire, First Impressions of Earth, Angles, Comedown Machine и The New Abnormal, тие оставија длабока трага врз модерниот алтернативен рок, а Reality Awaits претставува нивното најново поглавје во кариера што повеќе од две децении го обликува звукот на една генерација.
Повеќе од 25 години по објавувањето на легендарниот Is This It, албумот што ја дефинираше новата генерација на гаражен рок, The Strokes продолжуваат да одбиваат да бидат заробени во сопственото минато. Во рецензијата на култниот магазин NME, нивниот седми студиски албум Reality Awaits е опишан како смело, разиграно и моќно издание кое уште еднаш потврдува дека њујоршката петорка никогаш не престанала да се развива.
Критичарката Rhian Daly истакнува дека токму Is This It е најголемиот благослов, но и најголемиот товар во кариерата на The Strokes. Дебито им донесе светска слава и статус на едно од најважните рок-изданија на новиот милениум, но истовремено стана мерило според кое јавноста ги оценува сите нивни следни албуми. Сепак, наместо да се обидуваат повторно да ја создадат магијата од 2001 година, членовите на бендот свесно избрале да експериментираат и да го менуваат својот звук.
Снимен во Костарика со легендарниот продуцент Rick Rubin, Reality Awaits нуди музичко патување полно со неочекувани идеи. На песната „Liar’s Remorse“, гитарите преку ефекти добиваат звук што потсетува на дувачки инструменти, додека композицијата завршува со мелодија инспирирана од ретро видеоигри. „Lonely In The Future“ започнува со моќна бас и тапан воведна секција која повеќе потсетува на Queens Of The Stone Age, а „Going To Babble On“ содржи впечатливо гитарско соло во духот на големите рок-химни од осумдесеттите години.
Еден од најинтересните аспекти на албумот е настапот на фронтменот Julian Casablancas. Во последните години често се шпекулираше дека неговиот ангажман во The Strokes е повеќе финансиски отколку креативен, но NME смета дека токму на овој албум тој звучи поангажирано од кога било. Неговиот вокал постојано менува форми – од фалсет, преку длабоки баритонски делници, до препознатливата употреба на Auto-Tune, која и понатаму ги дели слушателите, но е составен дел од неговиот современ музички израз.
Текстовите на Reality Awaits се движат помеѓу личните исповеди и политичките теми. Воведната „Psycho Shit“ ги комбинира двата пристапи, додека првиот сингл „Going Shopping“ претставува критика на доцниот капитализам и општеството кое постојано создава производи без трајна вредност, уништувајќи ја планетата во тој процес. Во „Going To Babble On“, Casablancas зборува за политичката разочараност, но истовремено ги повикува луѓето повторно активно да се вклучат во општествените процеси. „The Fruits Of Conquest“ пак прикажува свет во кој отпорот кон авторитетите станува единствен логичен одговор.
Албумот не е лишен ниту од хумор. Во „Lonely In The Future“, Casablancas со иронија зборува за чувството дека отсекогаш бил чекор пред времето, притоа спомнувајќи имиња како The Weeknd, Harry Styles, John Legend и дури упатувајќи саркастична забелешка кон познатиот музички критичар Anthony Fantano.
Иако рецензијата забележува дека неколку песни, како „Psycho Shit“, „Dine N’Dash“ и завршната „Tyrants On The Mellow Moon“, не го достигнуваат нивото на остатокот од албумот, заклучокот е исклучително позитивен.
Според NME, Reality Awaits покажува дека The Strokes денес звучат поживо, посамоуверено и покреативно отколку во последните неколку години. Наместо да се обидуваат да ја повторат формулата што ги направи славни, тие избираат да ризикуваат, да експериментираат и да го следат сопствениот музички инстинкт. А токму таа подготвеност за промена, заклучува списанието, е причината поради која Reality Awaits претставува едно од нивните највозбудливи изданија во поновата кариера.
